swMenuFree

Две бронзени медали за Македонија на Интернационалната Олимпијада по Информатика 2012

Бронзените медали ги освоија Бојан Серафимов и Христијан Богоевски.Солиден резултат остварија и останатите двајца натпреварувачи - членови на македонскиот тим: Климент Серафимов и Јован Крајевски.

На 24-тата Интернационална Олимпијада по Информатика (ИОИ 2012), која од 23-ти до 30-ти септември се одржа во Сирмионе, Ломбардија, Италија, Македонија забележа нов голем успех. Македонскиот тим, составен од учениците Христијан Богоевски, Бојан Серафимов, Јован Крајевски и Климент Серафимов, под раководство на лидерите, м-р Миле Јованов и Емил Станков, го повтори минатогодишниот успех од ИОИ 2011 во Тајланд, освојувајќи два бронзени медали. Ова воедно е повторување на најголемиот успех на Македонија на сите досега одржани интернационални олимпијади.

ИОИ е светски најпрестижниот годишен натпревар во програмирање за средношколци кој традиционално се одржува во една од земјите-членки на ИОИ заедницата. Секоја година по околу 250 000 млади луѓе од околу 90 држави се натпреваруваат во борба да ја претставуваат својата држава на ИОИ.

На годинешната ИОИ учествуваа вкупно 310 ученици, квалификувани преку натпреварите во програмирање спроведени во 81 земја од целиот свет. Во ваква силна конкуренција, двата бронзени медали за Македонија ги освоија Бојан Серафимов и Христијан Богоевски. Треба да се одбележи дека и другите двајца наши натпреварувачи постигнаа солиден резултат, пришто за само неколку поени не беше освоен уште еден бронзен медал. 

Следната, 25-та по ред, Интернационална Олимпијада по Информатика, ќе се одржи од 6-ти до 13-ти јули 2013 година во Бризбејн, Австралија.

Повеќе информации на официјалниот веб сајт на ИОИ 2012: http://www.ioi2012.org.

© 2009-2020 Здружение на информатичарите на Македонија. Сите права се задржани.