swMenuFree

Еден сребрен и два бронзени медали на Балканската Олимпијада по Информатика 2013

Сребрениот медал го освои Климент Серафимов, а бронзените медали Бојан Серафимов и Васил Кузевски.

На 21-вата Балканска Олимпијада по Информатика (БОИ 2013) која од 7-ми до 14-ти септември се одржа во Сараево, Босна и Херцеговина, македонските ученици го постигнаа најдобриот резултат за Македонија досега. Под раководство на лидерите, м-р Миле Јованов и м-р Емил Станков од Факултетот за информатички науки и компјутерско инженерство (ФИНКИ), четиричлената македонска екипа освои еден сребрен и два бронзени медали. Ученикот Климент Серафимов, кој од годинава го продолжува своето средно образование во Италија, го освои сребрениот медал, а учениците во четврта година Бојан Серафимов и Васил Кузевски ги освоија бронзените медали. Четврт македонски учесник на натпреварувањето беше ученикот од Струмица Филип Беџовски.

На Балканската олимпијада учествуваат тимови составени од најмногу четворица натпреварувачи-средношколци од следните земји: Албанија, Босна и Херцеговина, Бугарија, Кипар, Грција, Македонија, Молдавија, Црна Гора, Романија, Србија и Турција. Годинава, отсуството на Албанија и присуството на најсилните балкански земји во оваа област, Бугарија, Романија, Србија и Турција го направи освојувањето на медал навистина предизвик, а со бројот на освоените медали Македонија зад себе ги остави сите останати земји и се вброи меѓу традиционално најуспешните.

Дополнително, како претставници на земји-гости на БОИ, во неофицијална конкуренција учествуваа и тимови од Хрватска, Словенија и Таџикистан. Сите учесници покрај натпреварувачките активности учествуваа и во културни активности за претставување на земјата-домаќин и нивно меѓусебно запознавање.

Патувањето до Сараево го покри Министерството за информатичко општество и администрација на Македонија и со тоа ја искажа својата поддршка на активностите на Здружението на информатичарите на Македонија во организација на натпреварите по информатика. ФИНКИ редовно ја поддржува организацијата на натпреварите по информатика.

Следната, 22-ра по ред, Балканска Олимпијада по Информатика, ќе се одржи идната година во Турција.

© 2009-2020 Здружение на информатичарите на Македонија. Сите права се задржани.